Собранието на РМ на 28 јануари 2019-та година го усвои новиот Закон за јавни набавки. Законот ќе се применува од 1 април 2019-та година.
Линк до Предлог Законот за јавни набавки: https://proagens.mk/wp-content/uploads/2019/01/Predlog_-_zakon_za_javnite_nabavki.doc
Со Законот се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Послабиот квалитет или трошоците за поправки ја чинат државата многу повеќе.
Со новиот закон се воведуваат и низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки. Со поголема застапеност на малите и средни претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата.
Законот ги поедноставува постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување на постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.
Новиот закон за јавни набавки превидува и низа на антикорупциски правила и механизми со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки.